Премиерот Зоран Заев вели дека тој и неговата партија и натаму сметаат дека е во ред да се даде можност за внесување графа за етничка припадност во личните карти, но оти тоа не може законски да се регулира, пред се, како што истакна, поради укажувањата од Европската унија дека тоа не е европска пракса.
-Ние дадовме поддршка за етничка графа во личните карти уште во фазата на уставните промени. Јасно го изразивме нашиот став дека немаме никаков проблем по ова прашање, но Европа јасно ни даде до знаење дека етничката припадност во личните карти не е европска пракса, а ние треба да ги почитуваме европските пракси. И не само тоа, туку најавија дека во август ќе има посебна регулатива току за тоа, изјави денеска Заев во одговор на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детска градинка во Стајковци.
Тој додаде дека денеска уште еднаш сака јавно да ја изрази поддршката за БЕСА како предлагач и оти стои зад тоа, но, потенцира, дефинитивно е невозможно да се најде решение во Собранието.
-До денеска има 12 илјади барања за лични карти кои не можат да се издадат. Веројатно следната недела веќе ќе бидат 15 илјади. Надминати се сите рокови затоа што не е донесен законот. Поддршка да, нема резерви парламентарното мнозинство околу оваа работа, но дефинитивно е блокирано законското решение од едни или други и дефинитивно Европската унија ја испрати јасно пораката дека не треба да применуваме ваква пракса затоа што не постои во Унијата и мислам дека треба да се најде начин, рече Заев.
Тој најави дека утре ќе се види со лидерот на БЕСА Билал Касами со кого, како што рече, ќе разговара за многу прашања меѓу кои и за ова.