Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со кандидатот за советник и носител на советничката листа, Суад Мурати и Марко Михајловски лидерот на Социјалдемократската младина, имаа средба со граѓаните на тетовско Желино во ново изграденото игралиште.
“Младите се иднината на државата и ние правиме сè што е можно да ги мотивираме да останат да живеат и работат во нашата држава. Затоа на советничката листа се предложени голем број млади луѓе, кои ќе работат со максимална поддршка за младинските потреби на повеќе нивоа”, рече претседателот на СДСМ Заев.
“Продолжуваме со подобрување на инфраструктурата во општината. Ќе инвестираме на главен булевар во Желино, во подобрување на водоводната инфраструктура и канализација, со што ќе се овозможи конечно решавање на овој проблем за сите граѓани на општината. Ќе изградиме спортско игралиште во село Чифлик и ќе го реновираме спортското игралиште на ОУ „Луиѓ Гуракуќи“ во Желино”, им порача на граѓаните на Желино претседателот Заев и додаде дека економскиот развој значи подобри услови за живот за сите.
“Планираме отворање на нова детска градинка и реактивирање на ФК „Лирија“. Зелената агенда на СДСМ и коалицијата опфаќа чистење на депонијата во село Добарце, обезбедување чиста и здрава вода за пиење. Планираме зголемена финансиска поддршка за младите, децата и пензионерите. За младите, пари од буџетот на општина Желино, за професионално и рекреативно практикување спорт и креирање локална младинска стратегија и акционен план со младинските приоритети.
За децата, изградба на градинка со поголем капацитет за згрижување на најмладите од општината и изградба на парк и детски игралишта во неколку населени места, а за пензионерите, отворање Пензионерски клуб”, им порача на граѓаните претседателот на СДСМ Заев и ги увери дека ќе продолжи поддршката и за земјоделците и бизнис-секторот.
“За земјоделците поддршка преку едукативни програми за користење нови технологии, но и едукација за можноста за финансирање. Поддршка за бизнис-заедницата преку креирање едукативни кампањи и работилници за можноста за финансирање и поддршка на бизнис-секторот со менторска поддршка за сите кои сакаат да развијат сопствен бизнис”, потенцираше Заев.
Тој истакна дека во изминатите четири години во Желино се решени многу инфраструктурни проблеми преку реконструкција на патот Карпалак – Желино, локалните патишта во село Групчин, во село Ново Село, патот од село Чифлик до село Ларце, регионалниот пат Желино – Сараќино, патот од село Стремница до Тетово како и училишните објекти во село Палатица и село Требош, детското игралиште и спортското игралиште во Желино.
“Ова се локални избори, но од големо значење да се реафирмира определбата на граѓаните да живеат во модерна европска земја со современи европски општини и јас сум убеден дека тоа ќе се случи. И вие знаете, ова е Најдоброто”, заклучи Заев и ги повика сите да го заокружат бројот 9 на изборите на 17 октомври за да се овозможи “Најдоброто за општина Желино”.