Премиерот Зоран Заев од денеска е во посета на Софија, во последен обид да се стори нешто пред јунскиот самит на Советот на ЕУ. Како што самиот најави, а тоа го потврди и бугарската страна, деблокада нема да има. Тоа значи дека старт на преговорите за Македонија нема да има ниту на јунскиот самит, а се очекува тоа да се случи во декември, кога со ЕУ ќе претседава Словенија.
Првата средба ја имаше со поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов.
Нашите народи се многу блиски и насочени на соработка, нема да дозволиме да се развива омраза меѓу младите. Работната агенда во Софија ја започнавме со раководството на ГЕРБ и мојот пријател Бојко Борисов, со кого изразивме желба како континуитет на претходните позитивни искуства, со нова динамика да продолжи поддршката на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и на Западен Балкан. Софија има особено значење за македонската интеграција бидејќи токму тука беа поставени контурите на Договорот од Преспа за време на ЕУ самитот за Западен Балкан во 2018 година.
Како чекор кон градење на пријателството и довербата е добредојдена идејата за организирање форум меѓу младите, подмладоците и младинските организации од двете земји, за да разговараат за заедничката иднината. Тоа е наша обврска како политички лидери – да бараме решенија за младите и нивната иднина, се вели во соопштението од кабинетот на Заев.