Премиерот Зоран Заев денеска од Штип уште еднаш коментираше за трагедијата со модуларната болница во Тетово. Тој кажа дека од таа трагедија се извлечени поуки, и дека во моментов се прават контроли на сите модуларни болници во земјава.
„Тагата и болката се големи, но трагедии се случуваат насекаде. Веднаш превзедовме чекор што мислам треба да превземат и во иднина да не дозволиме да се случуваат вакви трагедии. И оваа трагедија има поуки, се прават дополнителни контроли на сите модуларни болници низ земјава, и веројатно долг период пред нас ќе бидат предмет на испитување на ваквите болници. Тоа се болници за згрижување на пациенти. Сите треба да учиме од слабостите на системот, трагедиите треба да ги прифаќаме како трагедии со најобјективни претпоставки и најобјективни очекувања и испитувања за нивната причина“, истакна Заев кој кажа дека никој не е венчан за функцијата, и дека секој може да биде заменлив.
„Никој не е венчан за функцијата, секој е заменлив, но не треба веднаш да си даде оставка затоа што некој тоа го бара. Оставам експертите да ги кажат сите детали околу трагедијата, тоа го чекаме сите“, рече Заев.