Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев денеска му порача на лидерот на опозицијата Христијан Мицковски дека доколку сака поддршка од сите граѓани треба да се обрати до сите заедници, а не само кон една.
Заев ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање за можната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива.
– Да продолжиме сите да се враќаме кон граѓаните, се надевам и тој, еднакво за сите. Кога тоа г. Мицковски ќе го прави и ќе настапува во една мултиетничка и мултирелигиска држава тогаш може да очекува поддршка од сите подеднакво. Кога се обраќате само кон една заедница, тогаш може да очекувате поддршка само од таа заедница. Еве изборите се пред нас и јас уште еднаш само ќе потврдам дека причините за кои кажувам ќе победуваме доста долго како коалиција, а тие ќе губат е токму тој национализам којшто го имаат во една мултиетничка земја, навистина ќе биде причина за следниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ, но секако опозицијата е опозиција, одговорноста е кај владејачките партии, доминантно, изјави Заев во Јегуновце каде што заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот Дарко Блажески присуствуваа на пуштање во употреба на спортската сала во ООУ „Александар Здравковски”.
Тој истакна дека на 17 октомври граѓаните ќе кажат што е најдобро за нив, искажувајќи уверување дека коалицијата на СДСМ ќе биде победник на овие избори.
СДСМ, како што кажа Заев, на крајот на оваа или почетокот на следната недела ќе објави нови кандидати за градоначалници. Одлуките ќе бидат донесени најдоцна до вторник 24 август.
Во владејачката партија, според него, се чекуваат да пристигнат уште четири анкети по што ќе се знаат кандидатите.