Премиерот Зоран Заев денеска во седиштето на ЕУ во Брисел ќе има средби со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, со извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс и со еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.
На средбите на Заев со високите европски претставници на кои ќе биде придружуван од вицепремиерот Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи, се очекува да се разговара за пристапниот процес на С Македонија кон Европската Унија, за бугарското вето, но и за последните изјави на еврокомесарот Вархеји дека е можно раздвојување на Скопје и Тирана на европскиот пат.
Вархеји, минатата недела, прво при посетата на Скопје, а потоа и во изјава за „Еуроњуз“ кажа дека е можно Брисел да ги отвори пристапните преговори само со Албанија, доколку остане бугарското вето и не се најде заедничко прифатливо решение меѓу С Македонија и Бугарија. Вархеји беше демантиран од високи функционери на Германија и на Словачка, кои рекоа дека во ЕУ не се подготвува раздвојување на С Македонија и Албанија. Берлин, Братислава, но и Виена и некои други членки на ЕУ се децидни Скопје и Тирана заедно да ги почнат преговорите.
Премиерот Заев пред заминувањето за Брисел порача дека очекува ЕУ да ги потврди европските вредности и да го испорача тоа што го вети за спроведените реформи во Северна Македонија. Во изјава за „Еуроњуз“ вели дека дека кандидатурата на С Македонија е тест за кредибилитетот на Европската унија на Западен Балкан, за тоа дали ЕУ ќе ги одржи ветувањата.