Поранешниот премиер Зоран Заев за одлуката на Апелациониот суд да ја поништи првостепената пресуда за случајот Таргет-Тврдина, за масовното прислушување вели дека некој намерно ја ништи освоената правда. Како што е познато, токму тој почна со објавувањето на материјалите, со кои беше откриен еден од најголемите скандали, масовно приалушување на граѓани, политичари, функционери, новинари. Во приалушуваните разговори беа откриени индиции за голем број на криминални дела.
-Стотици илјади граѓани со години се боревме да ги срушиме алчните арамии од режимот и успеавме. Сега, некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда.
Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви громорозни дејствија со кои се газат масовно човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција.
Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам.
Ги повикувам сите надлежни од и околу правосудството, сите со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден.























