Се согласувам дека прашањата се решаваат билатерално во Скопје или во Софија, изјави премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја изјавата на претседателот на Бугарија Румен Радев дека политиката на Бугарија кон Северна Македонија зависи од отворен и конструктивен дијалог меѓу двете земји.
„Многу често претседателот Радев кажува дека тоа не се решава во Брисел или Вашингтон и јас се согласувам – тоа се решава во Скопје или во Софија, билатерално, а пријателите што нè храбрат да изнајдеме решенија се секојпат добредојдени. На работниот состанок на 17 јуни мислам дека ги адресиравме сите детали, важни за нашата страна, важни за бугарската страна. Надежта останува да се оформи бугарскиот парламент и, пред сè, да се оформи политичка влада која ќе раководи со извршната власт на Република Бугарија, затоа што прашањето во Брисел се адресира преку Владата и верувам дека на вака заокружени решенија многу брзо ќе почне имплементацијата на патоказот кој носи добробит на граѓаните на двете земји во различни области, истакна Заев на прес-конференција.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот рече дека негова желба е Република Бугарија да формира Влада заради потребите на бугарските граѓани, но и затоа што од влада по вторите параламентарни избори ние очекуваме исчекор во решавање на проблемот.