Партнерите од владината коалиција да се поддржат меѓу себе во вториот круг од локалните избори, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Ова значи дека во вториот круг од локалните избори, ривалските албанските партии кои се во Влада, ќе треба да се поддржат меѓу себе во одредени општини. Да појасниме, на пример во Тетово ако кандидатот на ДУИ се пласира во вториот круг наспроти кандидатот од албанската опозиција, тогаш Беса ќе треба да го поддржи кандидатот на интегративците, или обратно, ДУИ да излезе со поддршка за кандидатот на Беса, кој по сите изгледи ќе биде Биљал Касами.
На прашањето на ТВ 21– дали ДУИ е подготвена да ја поддржи Беса, доколку нејзин кандидат помине во вториот круг во некоја општина, портпаролот на интегративците, Бујар Османи рече „да“, иако смета дека нема да има потреба од тоа.
„Начелно да, иако сметаме дека нема да има таква ситуација, бидејќи сите прогнози и анкети велат дека во сите општини каде ќе се тркаме, кандидатите на ДУИ или ќе победат во првиот круг или во вториот ќе влезат со предност“, истакна Бујар Османи.
Генералниот секретар на Движење Беса пак, Арјанит Хоџа, вели дека во оваа фаза не може да зборува што ќе се случи во вториот круг. Иако во првиот круг ќе настапат сами, сепак целат кон победа во повеќе општини. Тетово останува приоритет на Беса.
„Не сакам да зборувам и да ја мешам локалната и централната власт, бидејќи како сериозна политичка партија длабоко веруваме дека коалициите ги одредува народот. Гласот на народот одредува кој ќе биде победникот. Народот никогаш не греши“, посочи Арјанит Хоџа.
ТВ21: Најавувате дека ќе ја поддржите ДУИ ако нивниот кандидат замине во вториот круг?
„Јас реков и повторувам – ние влегуваме во трка за да победиме и на оваа кампања ѝ пристапуваме сериозно, за да ја направиме разликата што ја направивме. Мислам дека направивме разлика во владеењето на централно ниво“.
Пред неколку дена, лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети постигнаа договор за предизборна коалиција за заеднички настап на локалните избори кои треба да се одржат кон средината на октомври. Остануваат отворени на нивната коалиција да ѝ се приклучат и другите партии кои се дел од Владата, но од Беса тврдат дека немаат предизборна кампања за претстојниот изборен процес.
Извор: ТВ 21