Премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање за тоа до каде е постапката за набавка на вакцините изјави дека првите вакцини најверојатно ќе пристигнат од Србија, оние осум илјади ветени. Потоа се очекува да заврши и постапката за набавка на кинески вакцини, што е уште една потврда дека Фајзер засега нема да пристигне кај нас преку Ковакс системот.
Како што вели тој веќе разговарале со партнерите во НАТО, пред се со САД дека набавката на кинески вакцини не е геополитичко прашање.
-Уште еднаш сакам да потврдам дека земјата со нашите стратешки партнери, еве во разговорите со Вашингтон, утврдивме дека не е геополитчко прашање набавката на вакцините, туку суверено право на секоја нација и држава. Нормално се координираме со нашите стратешки партнери, но и со нашите сојузници во НАТО, како што се САД. Така да правиме обиди да набавиме вакцини од секаде достапни како можност за нашиот народ. Веројатно постапката оваа недела ќе се заокружи за набавка на вакцини, за како што рековме меѓу 10-ти и 15-ти февруари да набавиме кинески вакцини, изјави Заев.
Тој вели дека е обезбеден и партнер во државава, доколку е потребно да се вклучи, а тоа е „Алкалоид“ за да се запазат сите законски процедури.