Во овие тешки мигови заради пандемијата со КОВИД-19, светиот празник Рамазан бајрам носи надеж за нов почеток и ја поттикнува вербата на луѓето во доброто, вистината и правдата, напиша утрово премиерот Зоран Заев по повод празникот Рамазан бајрам во честитката упатена до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед.
-Во период кога целиот свет се соочува со тешки искушенија, и годинава Светиот месец Рамазан, најблагородниот и најсреќниот месец за вас граѓаните од исламската вероисповед, го славиме во поинакви услови со ограничувањата кои ги донесе пандемијата на коронавирусот КОВИД-19. Крајот на постот и благодетите стекнати за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, нека ве украсат со дух на трпение, несебичноста и дарежливоста. Да се соочиме со предизвиците, кои ги носи оваа глобална здравствено-економска криза, водени од желба за меѓусебна почит, разбирање и солидарност, а даровите на празникот споделете ги со вашите семејства, роднини, пријатели и соседи, наведува Заев во честитката.
Овие светли денови во духот на празникот Рамазан бајрам како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата, како што вели премиерот во честитката, да ги почитуваме здравствените препораки и врз начелата на почитување и солидарност да продолжиме по европскиот пат што го избравме, здружено и единствени.
-Во периодот што следи да се вакцинираме како најефикасно средство во борбата против оваа пандемија и знам дека така заедно ќе успееме најбрзо и најбезболно да ги пребродиме нејзините последици. Дозволете ми да ви посакам празничните денови ги поминете во слога и спокојството на домот, во добро здравје и духовна сила! Бајрам Шериф Мубарек Олсун, односно: Нека биде благословен и честит празникот!“, стои во честитката од премиерот Заев .