Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска прими поголема делегација претставници на бизнис заедницата на Република Полска, како и делегација од градоначалници од оваа земја.
На средбата, на која присуствуваа и министерот за економија Крешник Бектеши и пратеникот Лазе Таневски, премиерот Заев им посака добредојде на гостите од Полска предводени од амбасадорот на оваа земја во Северна Македонија Војцех Тицински, и истакна дека Република Полска е еден од најсилните поддржувачи на нашата земја во процесот за членство во ЕУ.
Претседателот на Владата Заев нагласи дека традиционалното пријателство меѓу двете земји се рефлектира и во економската соработка за што сведочи и вредноста на вкупната трговска размена која оваа година се предвидува да достигне рекордни 300 милиони евра.
Граѓаните на Република Северна Македонија, рече премиерот Заев, се посебно благодарни на народот на Полска кои Северна Македонија ја имаат поставено високо на листата за туристички посети што е особено значајно оваа година заради ограничувањата на патувањата што ги наметна пандемијата со КОВИД-19.
Премиерот Заев уште ги запозна полските деловни луѓе со предностите и поволностите за инвестирање во нашата земја со посебен акцент на даночните и други олеснувања кои можат да достигнат и до 50% од вкупната вредност на инвестицијата.
Бизнисмените од Полска покажаа интерес за поволностите од Законот за стратешки инвестиции и за можностите за инвестирање во енергетски капацитети од обновливи извори како што се фотоволтаичните и ветерните електроцентрали.
На средбата стана збор и за соработката помеѓу единиците на локалната самоуправа, особено во делот на збратимување меѓу општините на двете земји како добра основа за поврзување на малите и средни претпријатија од локалните заедници каде има голем потенцијал за поврзување и соработка.