Премиерот Зоран Заев преку Фејсбук им изрази сочувство на семејствата и блиските на починатите вечерва во модуларниот ковид центар во Тетово, кој изгоре во пожар.
-Огромна трагедија се случи во тетовскиот КОВИД-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените.Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен. Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација. Во моментов трае кризниот штаб во Општина Тетово, напиша Заев.