Премиерот Зоран Заев, кој синоќа од Крушево директно отпатува во Кочани за да изврши увид во справувањето со пожарите, преку социјалните мрежи порача дека сите капацитети се ангажирани во справувањето со огнената стихија. Како што вели тој, од утрово на терен се хеликоптерите, и дека во интензивна комуникација се со НАТО сојузниците од регионот.
-Пожарите кои ја зафатија земјата донесоа тешка илинденска ноќ, но благодарение на професионалноста и солидарноста на пожарникарите и граѓаните и натаму немаме повредени или загрозени лица.
Материјалната штета е нешто што со заеднички сили ќе го надоместиме, сега најголемата грижа на сите мора да ни биде безбедноста.
Сите сили и капацитети на системот се ангажирани под прецизна команда на Центарот за управување со кризи.
Утрово два хеликоптери интензивно учествуваат во гасењето, а секој момент очекуваме да се приклучат уште четири, како помош од Република Србија. Во интензивна комуникација сме и со нашите НАТО сојузници од регионот кои се будни и подготвени да ни испорачаат помош согласно условите на теренот.
Во моментов се активни 13 пожари, повеќето се локализирани, кочанско е под контрола, а поинтензивна борба со огнот се води околу Старо Нагоричане, каде се насочени сериозни капацитети во гасењето.
Не одете во шумите, бидете внимателни и одговорни, заедно ќе ги надминеме овие пеколни предизвици, порача Заев преку социјалните мрежи.