Премиерот Заев во емисијата „Дебати“ на ТВ Шенја повторно истакна дека е несоодветно цела една нација да биде квалификувана како фашистичка, алудирајќи на промената на терминологијата поврзана со времето на Втората светска војна и кованицата бугарски фашистички окупатор.
„Дали гледаме на Бугарите како на фашисти или гледаме на нив како на пријатели и соседи, е прашање дали сме европејци или не сме. Ако сакаме бој и кавги секојпат можеме да се навредиме. Но да квалификуваш цела една нација како фашистичка е несоодветно“, изјави премиерот Заев, во емисијата „Дебати“ на ТВ Шенја.
Заев повторно истакна дека не сите луѓе во Бугарија биле фашисти.
„Не можете таа земја да ја викате така, демократска земја, членка на ЕУ, членка на НАТО, наш сојузник и партнер“, додавајќи дека и „бугарската страна треба да внимава“, спомнувајќи ги предизборните видеа на одредени политички партии во Бугарија кои според премиерот содржат територијални претензии.