СДСМ уште еднаш покажа силно, одлучно, одговорно и државничко однесување, покажа дека е локомотива на напредокот во државата. Темелот на новата политика, промените и новата енергија се обезбедени. Први сме во промените, во вредностите. СДСМ е носител на новото време, рече вечерва лидерот на партијата Зоран Заев по завршувањето на 26. конгрес и првата седница на Централниот одбор за избор на раководни органи и тела на партијата.
Соопштувајќи ги новите кадровски решенија и одлуки, Заев порача дека СДСМ почнува ново четиригодишно поглавје со јасно зацртани цели – европска иднина, економски развој, успешно справување со пандемијата, масовна имунизација, ред, правда и дисциплина, неселективно владеење на правото, европски стандарди дома, реализација на инфраструктурни проекти. Врвен приоритет, напомена Заев, е и „зелената агенда“, замената на јаглен со гас.
-Силна волја за успешен почеток и завршување на преговорите со ЕУ, добри меѓуетнички и добрососедски односи, се само дел од агендата. Ве уверувам дека наредните четири години СДСМ ќе биде одговорна сила која носи државнички одлуки, истакна Заев.
Тој информира дека на конгресот за заменик претседател на партијата е избрана Сања Лукаревска, со 684 гласа „за“ и два против, за генерален секретар е избран Љупчо Николовски, додека потпретседатели се Фатмир Битиќи, Мила Царовска, Оливер Спасовски и Венко Филипче.
Секретар за меѓународна соработка е Бојан Маричиќ.
Како што соопшти Заев на прес-конференцијата, за претседавач на ЦО е избран Перо Костадинов, актуелниот градоначалник на Валандово, додека членови на Извршен одбор се Ана Данева Маркова, Стефан Богоев, Нина Фити, Димитар Ковачевски, Милена Стефановиќ, Костадин Костадинов, Андријана Будимир, Благој Бочварски, Рената Јајоска, Петре Шилегов, Софија Пејкова, Мухамед Зекири, Мелиса Ценовска Серафимовска, Никица Бачоски, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Јована Трпчевска, Васко Ковачевски. Организациски секретар е Мартин Попов.