По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ? Тоа сме го кажале и досега. Така ги постигнавме и големите договори, штитејќи ја нашата национална посебност – македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што е тоа право на самоопределување, тоа е чувство и не постои договор којшто го договара начинот како се чувствуваме и каков јазик зборуваме. А тоа е и европска вредност, рече премиерот Зоран Заев во однос на спорот со Бугарија и европерспективата на земјава.
За пораките од ЕУ и САД, Заев смета дека тие ни се пријатели и стратешки партнери кои се тука да разработат креативи и идеи, да споделат со нас искуство и слично, но, нагласи – наша е одлуката и ние ја носиме.
Иако Бугарија повторно ќе оди на парламентарни избори, тој се надева дека, сепак, може да изнајдеме решение со привремената Влада која ќе ја постави претседателот Румен Радев.
– Затоа што очекуваме, секако, да бидат одговорни политичари со кои ќе можеме да седнеме и да изнаоѓаме решение. Проблемот е нерационален, и мора да најдеме решение. Интерес и на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на Европската Унија и да се интегрира во меѓународните организации како што е ЕУ. Тоа е во интерес и на бугарскиот народ, не само на македонскиот. И од тој апсект верувам дека ќе го изнајдеме решението, нагласи Заев.
До решение со Бугарија смета дека треба да се дојде на европски начин на размислување и драго му е, рече, што и Бугарија „признава и кажува дека тие немаат проблем со реалноста за македонскиот јазик и за македонскиот народ“.
-Но велат: „Ајде да ги утврдиме корените“. Ќе ги најдеме и корените ако бидеме паметни на европски начин. Затоа што сите ние сме почитувачи на нашето минато, но сме обврзани да ја креираме нашата иднина. Колку што е можно подобро. Регионот ни е мал и мали ни се земјите и колку повеќе се сплотиме, толку повеќе благодат ќе почувствува народот, истакна Заев одговорајќи на новинарски прашања при посетата на Ресен.
Посочи дека и двете страни, македонската и бугарслата, прифатиле дека имаме и споделуваме заедничка историја, како што целиот Балкан со векови наназад, а и цела Европа, рече, имаат заедничка историја.
-И тука треба да ги изнајдеме начините. И договорот со Бугарија за добрососедство и пријателство јасно номинира дека Комисијата за историско-образовни прашања треба да ги лоцира токму тие историски периоди, историски личности коишто заедно ќе ги славиме, кои ќе бидат можност да не зближат, да соработуваме уште повеќе, а притоа да не го уништиме достоинството на која било од двете страни. Затоа велам – европски начин на наоѓаше решение, истакна премиерот.
Додаде дека народот од двете земји сака да соработува, а не сака да има причини за кавги, и потврда за тоа е што во изминатот период е унапредена соработката на институции од секакво ниво.
– Почнувајќи од Македонската радио-телевизија со Бугарската радио-телевизија, нашата МИА со Бугарската информативна агенција, Советот АВМУ, но и други апскети – имаме повеќе од седум нови бугарски инвестиции во Северна Македонија во последните шест-седум месеци, додаде Заев.