Претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, кои неделава заедно ќе отпатуваат во Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј, според премиерот Зоран Заев би можеле да бидат поттик за да се направи исчекор напред во решавањето на спорот помеѓу Скопје и Софија.
„Верувам дека и европскиот дух на претседателите Радев и Пендаровски ќе биде поттик да направиме исчекор да продолжиме понатаму и секако низ патната карта да успееме да го забрзаме и ефектуираме она што претставува спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија“, изјави денеска Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот потсети дека земјава повеќе од 16 години е кандидат за членство, од 2001 година е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација, веднаш по Словенија, а пред Хрватска, кои денес се веќе членки на Унијата.
„Навистина ниту еден аспирант за ЕУ, кој сакал да го продолжи патот не чекал толку, колку што чека Северна Македонија. Верувам дека Бугарија ќе биде силен поддржувач на Северна Македонија и на патот на ЕУ интеграциите на целиот Западен Балкан“, додаде Заев.
Претседателот Пендаровски, пак, минатата недела коментирајќи го заедничкото патување со Радев рече дека очекува да стане збор и за спорот помеѓу двете држави, но оти тоа би биле неформални разговори.