Овозможуваме парите кои се надвор од системот да влезат во оптек и во функција на државата, рече премиерот Зоран Заев во интервју на Алсат М, во емисијата „Економски магазин“.

Како и за сите останати процеси, така и за овој, вели  Заев, има законски критериуми за од една страна да се спречат одредени манипулации, но од друга страна ресурсите да се стават во функција на развој.

-Подготвени сме да креираме политики да го поттикнеме интересот на граѓаните да го стават тој „мртов капитал“ во финансиски промет, поточно да инвестираат. Средствата што ќе се легализираат ќе се даночат за да се полни граѓанскиот буџет за проекти за граѓаните. Потеклото на парите ќе се проверува и оваа можност нема да важи за оние за кои се водат судски постапки има обвиненија за нелегален бизнис, криумчарења и слично. Сето ова постои во европските земји. Во координација сме со Делегација на ЕУ за да се стави и овој ресурс во функција на развој на државата.  Лицата кои ќе ги внесат парите на сметка плаќаат 10 посто и во следните две години треба да ги инвестираат средствата, во недвижнини, да купат акции во компанија, да инвестираат. Поточно да се стават парите во функција на личниот развој, а државниот развој е всушност личниот развој на секој поединец или правен субјект во државата. Втората опција е да купи државна обврзница со нула каматна стапка, рече Заев.

Додаде дека за сите граѓани во земјата како и за нашите државјани надвор од границите ќе важат истите услови.

Одговарајќи на прашањето за економските потенцијали на земјата и планираниот развој зборуваше на темата, легализација и декриминализација на канабисот.

-Во смисла на декриминализацијата,  потребно е да се сменат Закони, дел од Кривичниот закон, делот за опојни дроги. Тоа ќе го отвориме во првото полугодие на 2021 година и генерално реакциите за ова прашање се позитивни, рече Заев.

Имаме, дополни, 59 лиценци, сакам да ја истакнам пораката за разумноста на Парламентот. Законот таму седи една и пол година. Се работи за медицински потреби на канабисот. Овде го развиваме, веќе пакетот на позитивните листи на лекови за користење. Се користи на 68 позитивни лекови на германската позитивна листа, насекаде во Европа, насекаде во светот. Одлично дава резултати за Паркинсова болест, за епилепсија, за психолошки растројства, за карциноми и за други болести, рече Заев, повикувајќи се на  анализи на научници кои мапирале канабиноидни центри (рецептори) кои помагаат во болеста и во најмала рака ја намалуваат болката, го стабилизираат организмот и слично.

Одгледувањето медицински канабис, потенцираше, е огромна потенцијална економска можност и за оваа опција има поддржувачи од  припадници на различни партии.

-Овде нема политика, ова е нешто национално. Треба да го подржиме Законот и следни се дебатите, коишто ги отворивме. Гледам има голема прифатеност на опцијата за декриминализација, луѓето зборуваат за тој пола грам, како што велат невладините организации, кој се користи дома, да се затвораат луѓе, навистина не е во ред, оцени Заев, подвлекувајќи дека останува заложбата на Министерството за внатрешни работи да води борба против шверцот и тргувањето со дрога и наркотички средства.

Заев истакна дека во земјите каде е легализиран канабисот, се чувствува економскиот потенцијал за развој на сите услужни дејности и многу од конзументите се откажуваат од хероин, кокаин, од сите тие тешки дроги.

-Во едни такви околности, јас ја отворам дебатата, верувајќи дека ќе доминираат помладите, поавангардните сили во државата. Логично ми е, постарите да бидат порезервирани, повнимателни и тоа опстојува. Но, конечната цел, остварува одличен економски раст и развој. Отвора нови работни места, внесува девизен прилив во државата, помага многу во борбата против користењето на други наркотички средства, рече Заев.

Според него, мерката за субвенционирање на платите би можело да биде продолжена и во следниот период. Еден од клучните фактори при донесувањето таква одлука ќе имаат синдикатите и коморите.

-Ако коморите кажат дека таа мерка е добра и им треба ние ќе ја поддржиме. Ако кажат дека некои други видови мерки се поважни за нив…, затоа што според нашите очекувања првото полугодие од 2021 година ќе биде излез од оваа криза. Затоа е важно да се дискутира со нив, рече Заев.

Меѓу останатото најави и дека концесионерите на државно земјоделско земјиште ќе имаат можност да ги откупат обработливите површини врз кои имаат концесии и да станат нивни сопственици. Законското решение  веќе е во изработка и треба да се прецизира, а како купувачи на земјиштето, покрај концесионерите ќе може да се јават и други домашни физички или правни лица. Во постапката за приватизација на државното земјоделско земјиште ќе има и неколку услови, односно не смее да се продава помалку од 10 хектари, мора да биде исклучително за земјоделска дејност, а новиот газда ќе плати трипати повеќе данок ако не го обработува или не го изнајми.