Премиерот Зоран Заев, во интервју за „Капитал“, мешудругото изјави дека оваа влада е демократска и никогаш нема да посегне по цензурата. Сепак, порачува дека како Влада ќе се борат против лажните вести.

-Оваа Влада е демократска и никогаш нема да посегне кон цензура, против лажните вести се бориме со вистината и со нашите чекори досега не сме се ни доближиле до црвената линија чие преминување би значело посегнување кон цензура. Лажните вести, односно дезинформациите ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес, на добробитта на граѓаните, и ја загрозуваат безбедноста на населението“, рече премиерот Зоран Заев во интервјуто за печатеното издание на „Капитал“.

Тој појасни дека Владата на дневно ниво се справува со дезинформациите, преку својот воспоставен систем за кризни комуникации, со кој во многу брз рок одредена сомнителна вест се проверува и доколку истата е лажна, веднаш се дефинираат начин и канали на реакција со цел да се оневозможи натамошно ширење.

Премиерот Заев додаде дека Владата поддржува саморегулација во медиумскиот еснаф, како најдобар начин кој ги штити медиумите од надворешни влијанија, при регулирање на професионалните стандарди, а во исто време ја јакне новинарската фела.