Премиерот Зоран Заев, ги прими директорот на најголемиот музички фестивал во нашиот регион „Егзит“, Душан Ковачевиќ, и гости од Соединетите Американски Држави, успешните спортисти во американски фудбал Ленс Бригс, Турк Мекбрајд и Дони Колдвел, како успешни производители на медицински канабис во САД, информираат од Владата.
Како што пренесуваат оттаму, гостите, откако претходно ги анализирале можностите за инвестиции во некои други светски региони, на средбата истакнале дека предностите за инвестиции во индустријата за медицински канабис што ги нуди Северна Македонија ја прават земја од посебен интерес за оваа дејност.
Дополнуваат дека премиерот Заев ги презентирал можностите за отворање фабрики за медицински канабис во Северна Македонија, а инвеститорите презентирале искуства со најнапредна технологија и знаење кои што веќе ги користат во своите погони за одгледување на оваа билка во САД.
– На средбата со директорот на „Егзит“ и со американските бизнисмени, стана збор за предизвиците со кои се соочува музичката и ивент индустријата во текот на пандемијата, при што се разгледуваа и можностите за организација на „Егзит“ фестивалски активности и во нашата земја, стои во соопштенито од Владата.