Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, треба да се разреши поради непочитување на законот кој се однесува на распределбата на рамковно вработените и поради повреда на етичкиот кодекс. Разрешувањето ќе биде на дневен ред на утрешната седница на Владата, а Заев најави дека ќе остане на истиот став.
„Утре на самата седница на Владата ќе го потврдам тоа што веќе го соопштив во јавноста. Овде се работи за почитување на закон, има донесено закон во декември 2020 година и согласно законот сите имале обврска да ја променат систематизацијата. Голем дел од институциите се обратиле поради невозможноста да се вклопат дел од распределените луѓе заради несоодветните профили, еден дел се обратиле затоа што не биле опфатени, еден дел од распределените не ни прифатија да одат и си дадоа оставка. Дефинитивно, прво се работи за почитување на законот, а потоа и за етичкиот кодекс“, изјави Заев.
Пред седницата, тој ќе има средба и со инспекторите од ДПИ, кои собираа потписи за петиција против разрешувањето на Пауновски. Иако според денешните изјави Заев изгледа убеден во ставот за разрешување, сепак, остава простор инспекторите да му го променат мислењето.