Премиерот Зоран Заев по средбата со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, за МИА изјави дека одвојувањето на Албанија и Северна Македонија не е во ничиј интерес и дека непринципиелност од страна на ЕУ може да има безбедносни последици за целиот регион. Тој на Фон дер Лајен и порачал дека идентитетот и јазикот не смеат во ниту случај да бидат предмет на преговори во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Кои пораки ви ги пренесе претседателката на Европската Комисија?
Имавме значаен состанок утрово со комесарот Вархеји, а сега само што заврши состанокот со претседателката на Европската Комисија. Споделивме тоа што е реалност и тие го знаат. Во Северна Македонија сите етнички заедници сме на иста линија во поглед на заштита на нашиот македонски јазик, македонски идентитет. Сите политички партии. Дојдовме овде во Брисел, во центарот на Европската Унија, да и кажеме на Европската Комисија дека нашиот македонски јазик и идентитет не се за преговори и треба да бидат тргнати. Ние сме пример за дијалог, за решение, но прашање за кое никогаш нема да се разговара се македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ја искористивме приликата да споделиме дека имаме ние и гордост и идентитет, нашата гордост може да биде повисока, пониска, сме го покажале тоа, но преговори за македонскиот идентитет ниту мојата Влада, ниту која било друга влада може да види, а не па некоја друга држава или Унија во која не сме членки.
Знаејќи го сето тоа, ја испративме пораката дека остануваме посветени на патоказ или адаптираниот план којшто можеме уште сега за време на техничка влада во Бугарија да интензивираме имплементацијата, особено сега со паѓањето на пандемијата. За овие 6-7 месеци склучивме неколку договори, од националните телевизии и пренесување на сигналите, до посебните агенции како, АВМУ, МИА, дирекциите и јавните претпријатија за железници, за патишта, до областа на образованието, на културата, тоа е бенефит за целиот наш народ во Северна Македонија.
За кратко и долго име апсолутно немаме резерва дека и краткото име Северна Македонија се однесува на територијата на Република Северна Македонија. Немаме претензии према нив, нема претензии за мешање во внатрешни работи вклучително и малцинските права, но веруваме дека заслуживме да се вклучат сите посебно претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, во решавањето на ова прашање, час поскоро, затоа што ова е драгоцен момент, затоа што со ваков момент штедиме најмалку една и пол година, следната прилика е веројатно 2022 година. Во такви околности ја повикавме, иако е окупирана со сите светски проблеми, но ова не е прашање само за Северна Македонија и Западен Балкан.
Ова е прашање и за ЕУ. Во околности вака со солидарноста со вакцините, со пандемијата и Европа има обврска да биде дополнително посветена. Без разлика дали ќе прават decoupling или doubling или разделување или дуплирање за нас е јасно дека без Северна Македонија да го направи следниот чекор не се возможни новите успеси на Европа во Западен Балкан или успеси на Западен Балкан на својот пат кон ЕУ. Верувам дека им е јасно и верувам во духот на европските манири, европските вредности, Европа ќе биде Европа, таа што ја сакаме, што ја сонуваме и кон која тежнееме, а ние сме на располагање да продолжиме со разговорите
Дали добивте гаранции од претседателката дека нема да има разделување на Северна Македонија и Албанија?
Знаете како, прво по прашањето на идентитетот и јазикот можат да прават што сакаат, второ не е возможно затоа што двете земји треба да одат заедно. Ние направивме три години од Преспанскиот договор и чекавме, еве се случуваат работите и веруваме дека Северна Македонија и Албанија треба да одат заедно. Ги знаеме стојалиштата на многу земји за нас, ги знаеме и за Албанија. Наш интерес е да одиме заедно. Интерес на Албанија е да одиме заедно, да си помагаме заедно низ целиот овој процес и им посакувам на нашите соседи најдобро, исто како што им посакувам на нашите граѓани, но прагматизмот кажува дека Европа не смее ни да помисли на некои различни сигнали кои не се принципиелни, второ е невозможно. Трето, за да има следни успешни разговори, Србија-Косово, Босна и уставот, сето тоа што се разговара мора да го дадат сигналот на награда. Ние го заслуживме како никој друг пред нас. 16 години земја кандидат, три години после Преспанскиот договор, сто посто исполнети реформи, 2020 потврдено од 27-те земји комплетно. Продолжуваме понатаму со јакнење на владеењето на правото, секој ден тоа го гледаме, со борбата против криминалот и корупцијата, која што не е лесно за ниедна влада во светот, не е ни за нас, но тоа е европската иднина. Отвораме сериозни реформи, во образованието, основно, средно, во економијата параметрите се одлични во моментов и продолжуваме во тој фокус, ние ќе бидеме само добар пример на европски манири, но крајно време е и Европа да се покаже.
Дали сметате дека постои безбедносен ризик во случај на одвојување на Северна Македонија и Албанија, за регионот и за државата?
Постои геополитички, безбедносен и економски ризик и секаков ризик затоа што не случајно кажуваме дека друга алтернатива освен европската иднина на Северна Македонија и на цел Западен Балкан не постои. Нашата аспирација како народ, како нација е заради европските вредности, затоа сме вака определени, сето тоа укинување, замрзнување или уште чекање ги отвора сите можности за секаков вид на ризик којшто може Балканот да го вратат на оние децении кога сите не сакаме ниту да помислиме дека може да се повтори.
Во тој контекст дали мислите дека тие нон пејпери што се појавија, на било каков начин се поврзани и за овие изјави за можно одвојување? Дали се појавуваат некои нови идеологии и во Брисел и во регионот?
Ако затајува Европа, другите користат шанса, не само сили надвор од ЕУ туку и за сили внатре во ЕУ. Знаете дека постои и кај нас и во други земји во околината, па и во ЕУ, десен радикализам, па дури и лев екстремизам, кои развиваат прилично неблагопријатни планови. Затоа се појавуваат вакви документи или слично затоа што некој само чека шанса на разочараност на граѓаните, шанса на неуспех на ЕУ или било каква шанса што ќе створи плодна почва за развој на такви идеи, не треба многу за тоа, затоа алармот треба да биде кренат високо. Кај нас е кренат, се уште сме комплетно посветени со огромна доза на пријателство, на внимание, на европски манири, европски вредности, со продолжување на реформите по европскиот пат комплетно, но тоа не е доволно само ние да бидеме посветени. Треба да бидат и нашите соседи од ЕУ. Грција е. Се надевам Бугарија исто кога ќе ги формираат своите политички органи, но и сите земји од Западен Балкан, но најповеќе ЕУ.