Иднината на Западен Балкан е во полноправното членство во Европската Унија, а за Северна Македонија и Албанија треба да се спроведе едногласната одлука на земјите членки на Унијата од март минатата година за почеток на пристапните преговори за овие две земји, порачаа премиерот Зоран Заев и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на денешната средба во Брисел.
Премиерот Заев и претседателот на ЕС Мишел, информираат од владината прес-служба, изразиле надеж дека со поддршка на португалското претседателство, кое вложува силни заложби и голема политичка волја, ќе биде отворен патот што ќе овозможи Бугарија да се приклучи на консензусот за усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција без натамошно одлагање.
На средбата беше истакнато дека за време на словенечкото претседателство, во октомври оваа година, ќе се одржи Самит ЕУ – Западен Балкан кој се очекува да биде заедничка инвестиција за поинтензивна меѓусебната поврзаност и соработка на линија на клучните вредности и принципи на ЕУ за посуштинско вклучување на регионот во тековните значајни проекти на Унијата поврзани со климатската и дигитална трансформација.
-Јас сум среќен оти се разработуваат идеи кое што уште еднаш е само потврда дека се комплетно фокусирани и сакаат да направат чекор. Затоа што ја отвораат и овде дискусијата во Европската унија дали навистина Европската унија останува посветена на процесот на проширување кон Западен Балкан и мора да дадат одговори на ваквите прашања. Верувам дека ќе имаме сериозен фокус од сите, секако постои една резерва, тоа треба да го знаат нашите граѓани, јас сум должен да го споделам, не е нешто ново, техничка влада е во Бугарија, немојте да ги дигнеме очекувањата па после да бидеме сите разочарани, изјави Зоран Заев во Брисел.