Еден од најновите чекори што ги преземаме, а кој значи уште поголема мотивација за секој млад човек да тргне на работ е дека од 1 јануари, за два и пол месеци од сега, државата ќе ги плати придонесите за секој млад човек што ќе тргне на работа, односно ќе биде нововработен. Дополнително, оние кои немаат практично искуство ќе бидат поддржани преку практиканство во фирмата кое државата директно ќе го покрие, истакна премиерот Зоран Заев и лидер на владејачката СДСМ на денешниот митинг во Аеродром.

Тој додаде дека следуваат и дополнителни стимулации за нововработените млади.

– Младите се нашиот двигател, нашата енергија, нашата иднина и затоа четири години сериозно вложуваме во нив: Инвестиравме во издржани, реални, младински политики, за младите да останат овде и овде да ја градат својата иднина.  Ве повикувам драги млади следете ги можностите кои доаѓаат и на централно и на локално ниво. Тие се пред вас. Државата, градот, општините ви ги обезбедуваат, останете дома во своите општини и ангажирајте се на пазарот на трудот, потенцираше Заев.

Тој упати порака до младите луѓе дека што порано стекнат работно искуство и вештини,  толку побрзо ќе напредуваат во кариерата.

– Најмногу очекувам младите да се мотивираат и да започнат свој бизнис. Да бидат свои газди со свои сопствени фирми. Државата ќе ве поддржи почитувани млади луѓе, потенцираше лидерот на СДСМ.

Тој потсети дека досега само преку ФИТР се поддржани 85 милиони за стартапи и проекти на младите луѓе.

– Ние сме првата држава која иако не е членка на ЕУ ја развива и спроведува младинската гаранција преку која изминатите години се вработија надд 8400, а во првите шест месеци од оваа година се вработија 2066 млади луѓе, нагласи Заев.

Премиерот рече дека грижата за младите ја пренесуваат и на локално ниво.

– Градиме општини кои се партнери со младите, кои го слушаат нивниот глас и ги следат нивните потреби. Воведуваме нов дигитален систем за непосреден контакт за младите со градоначалникот. На секоја младинска иницијатива која ќе се достави до општината и градоначалникот ќе биде одговорено за најмногу 10 дена. Продолжуваме со отворање на младински центри и младински локални совети во сите општини. Младите носат промени, нова енергија и нов дух. Затоа ги вклучуваме во процесите на одлучување и креирање политики како на центрано, така и на локално ниво. Следните четири години ги посветуваме на младите, нагласи Заев.

Лидерот на СДСМ ги повика жителите на општина Аеродром на претстојните локални избори да го дадат својот глас за СДСМ и коалицијата, која ја води кампањата со мотото „Најдоброто за мојата општина“.

– Најдоброто е Александар Филиповски – Цанде и и Александар Трајановски – Коска и 26-та останати кандидати за советници. Сите тие се горди Аеродромци и Аеродромки кои со цело срце и душа си го сакаат Аеродром и подготвени се да работат за негово добро, посочи Заев.

Цанде, Шилегов и советничката листа на СДСМ , како што нагласи Заев,  тоа е рецептот за идните успеси, за иден развој на Аеродром, за иден развој на Скопје, а секако двајцата можат да сметаат на целосна поддршка на централната власт, затоа што вреди Аеродром, вреди градот Скопје, вредат младите луѓе, вредат нашите граѓани.

– Заедно со Цанде тука во Аеродром ќе градиме две нови детски градинки, една во Мичурин, а една во Ново Лисиче, а ќе биде доградено и основното училиште „Блаже Коневски“. Отвараме младински центар, како што ќе отвориме и во секоја општина во државата. Аеродром ќе добие два затворени пливачки базени и нов паркинг простор. Ова се проекти кои остануваат како трајна вредност во Аеродром, информираше лидерот на СДСМ.

Тој оцени дека такви проекти можат да понудат само СДСМ и коалицијата, само најдобрите за Аеродром и за Скопје.

– Мицковски е толку збунет овие денови што почна да промовира политики на СДСМ. Тие што СДСМ со години ги промовира, се бори и денес ги реализира, денес Мицкоски ги претставува како свои што е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ навистина нема што да понуди освен деструкции, лажни вести и блокади опасни по интересите на граѓаните и државата, рече Заев.