По сообраќајна незгода во Приштина, уапсен е Африм Исмаиловиќ осуден во случајот „Монструм“. Исмаиловиќ од 2012 година е во бегство во Косово. Во моментот кога го проверувале неговото криминалното досие, косовските власти дознале дека се бара со меѓународна потерница од Северна Македонија. За неговото апсење, Спасовски го информирал и премиерот Зоран Заев, кој порача дека Косово треба да ги почитува меѓународните договори и пријателството меѓу двете земји и Исмаиловиќ веднаш да биде екстрадиран.
И Министерството за правда очекува Исмаиловиќ што поскоро да биде екстрадиран во земјава. Од таму велат дека барањето за екстрадиција е испратено уште на 5 септември 2018 година, додавајќи дека сѐ уште е активно и може да се постапува по него.
Исмаиловиќ е во притвор на Косово и се очекува судот да донесе одлука. Иако ТВ21 побара став околу тоа како ќе постапат тамошните власти, сепак досега не добивме одговор. И од МВР велат дека чекаат Косово да донесе одлука во однос на екстрадирањето на Исмаиловиќ.
Афим и неговиот брат Агим Исмаиловиќ, заедно со Алил Демири на 23 февруари годинава беа осудени од Кривичниот суд на доживотен затвор за сторено кривично дело „тероризам“ во петкраткото убиство кај Смилковско езеро. Македонија со години бара двајцата осудени во случајот „Монструм“ да бидат испорачани на македонските власти.
Ваква ситуација со неекстрадирање на бегалци од Северна Македонија, имаме и со дуото од УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои се товарат за уништување на докази од незаконското прислушување. Грција одбива да ги екстрадира под изговор дека во Македонија нема услови да им се овозможи фер судење. И Унгарија не го испорачува екс-премиерот Никола Груевски, со изговор дека е гонет политички и дека во моментов ужива политички азил.