Нашиот белег како партија беше и сè уште е – никогаш да не калкулираме со политичкиот рејтинг кога станува збор за националните прашања. СДСМ се вложи во целост и го поведе народот кон решавање на повеќедецениските прашања кои ја загрозуваа иднината на земјата, истакна премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на денешниот 26. конгрес на партијата.
Во своето обраќање, Заев рече дека преку Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, државата ја потврдила искрената добрососедска намера кон сите соседи.
– Република Северна Македонија ниту ќе провоцира, ниту ќе коленичи. Ние не сме проблем, ние решаваме проблеми, порача Заев.
Во своето обраќање, Заев рече дека неговиот мандат никогаш не бил мирно море и оти СДСМ решавала и решава децениски наследени прашања кои никој немал храброст да ги реши цели 30 години.
Преку храброст, визија и одлучност, како што посочи, решен е спорот со Грција и денес јужниот сосед е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници, а притоа обезбедена е сигурната иднина на земјата и потврден е македонскиот идентитет и јазик.
Нагласи дека од самото доаѓање на власт се бореле на два фронта – на надворешен план за обезбедување на безбедна и сигурна иднина во НАТО и ЕУ, но истовремено и на внатрешен план со деструктивната политика на опозицијата која постојано ги спречува реформите.
– Со многу трпение и прецизно планирање, со мудри одлуки, со посветеност и над се’ со борбеност, ги добивме сите битки во изминатите четири години, истакна Заев.
Посочи дека во 2017 година државата била опустошена, меѓународно изолирана со поделено општество и суспендирана правда, со погазени слобода и демократија, но, како што рече, граѓаните ја препознале чесната понуда на СДСМ и ја дале довербата.
– Сите знаеме во какви услови ја добивме честа и довербата од граѓаните да ја водиме државата. Единаесетте години под режимот на ВМРО-ДПМНЕ оставија огромни, несогледливи последици во тоа време. Државата ни беше опустошена. Додека граѓаните страдаа, државата одеше во погрешен правец, кон провалија. Во таков амбиент се исправивме, кренавме глас, ја покажавме вистината и заедно со граѓаните одлучно газевме по улиците, во борба за слобода и правда, рече Заев.