Премиерот Зоран Заев вели дека СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде и 17 октомври, како што бара опозицијата, ако за тоа се договорат сите партии. Предлогот, изборите да се одржат на 31 октомври, како што рече, го дал само поради поклопување на термините за кампањата со терминот за одржување на пописот на населението.
-За мене е многу важно што ќе каже опозицијата. Таа треба да биде задоволна со датумот на избори. Ако се одржат на 17 октомври се поклопува кампањата со пописот, и тоа не е добро, треба да го истуркаме пописот до крајот на септември, по што може да почне кампањата. Но, ако каже опозицијата 17-ти и сите други партии се согласат ние сме согласни. Следниот викенд е 24-ти и 31-ви, тие се опциите за октомври, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Тој вели дека на барање на опозицијата се случило и одложување на изборите од септември за втора половина на октомври.
-Со Мицковски кога имавме средба тие побараа одложување на изборите од септември за октомври, договоривме втора половина на октомври, а тоа е 17, 20 и 31 октомври. Јас ги консултирав партиите во државата, начелно сите без согласни и беше постигнат договор, рече Заев изразувајќи уверување дека низ разговори партиите ќе се усогласат за датумот за одржување на изборите.
Премиерот Заев нагласи дека одржувањето на изборите по 17 октомври не е противуставно и оти фак за тоа што одложување или пролонгирање на изборите се случило во 2004, 2005 година, и во 2017 година.