Премиерот Зоран Заев ги негираше обвинувањата на македонската опозиција за тајно договарање со Софија. Заев е дециден дека единственото нешто што се преговара со бугарската страна е португалскиот предлог. Тој вели дека декларацијата донесена во бугарскиот Парламент е неприфатлива и оти идентитетските прашања се неприкосновени. Заев рече дека во момент кога преговара со Софија не може да дава повеќе детали, а би бил подготвен за дуел со Мицкоски откако ќе завршат преговорите, јавува АлсатМ.
Македонската опозиција инсистира јавноста да ги види деталите од, според нив, тајниот договор за кој тврди дека се подготвува да го потпишат премиерот Заев и специјалниот претставник Бучковски со властите во Софија. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека станува збор за договор со кој Декларацијата на бугарскиот Парламент ќе стане дел од преговарачката рамка за земјава, со што, според опозицијата, ќе се негираат македонскиот јазик, АСНОМ и антифашистичката војна. Оваа партија се заканува со масовни протести.