– Апсолутно не. Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција. Значи, таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите, пронајдена е по анализата системски, тоа значи во делот на административното функционирање на јавните институции. И затоа поставивме потпретседател на Влада меѓудругото задолжен за борба против криминалот и корупцијата и девет, десет месеци се работи на таа тема со ваков фокус. Институциите што постојат и досега, како независните институции – ДКСК, Државен завод за ревизија, Јавното обвинителство, правосудството може да бидат само помогнати од овој ресор затоа што дефинитивно ние сме телото, односно јавниот сектор е телото каде што независните институции го прават мониторингот за борбата против криминалот и корупцијата, вели Заев.
Коментирајќи го извештајот на Стејт департментот, премиерот вели дека тоа треба да биде „ветер во грб“ за да можеме, како што нагласи, да го отстраниме тоа како девијантна појава што ја има насекаде во светот, во Западен Балкан, а ја има и во Северна Македонија, како едно зло кое што ја кочи и економијата, развојот и севкупниот квалитет на живот.
– Секојпат извештаите на стратешките партнери дали е тоа ЕУ или е Стејт департментот се важни, валидни и треба да посветиме секојпат внимание. Во самите анализи кога ќе го видите самиот извештај на Стејт департментот прво зборува за огромни придобивки и позитивни промени што се имаат случено во Северна Македонија, но јасно ги лоцираат и своите слабости. Нам ни е јасно од страна на Владата по сите анализи заедно со Транспаренси интернешенл, со Стејт департментот, со Европската делегација овде и со многу други граѓански организации го утврдивме нивото на корупција што се случува на трето ниво. Таму каде што граѓаните шалтерски допираат, имотен лист, одобрение за градба, решенија, согласност или слично и ќе го промениме. Посебно дури и Стејт департментот ја поздравува и дигитализацијата каде што буквално субјективниот фактор на одлучување на административно ниво ќе се замени со компјутер, со што дефинитивно ќе може да се бајпасира тој субјективен фактор на административниот работник кој е точка на корупција помеѓу граѓаните и јавната администрација и верувам дека ќе имаме сериозни успеси во периодот што престои пред нас за да можеме да учиме од ваквите извештаи и да се подобруваме, рече Заев.