Повлекувањето на Законот за учебници не значи повлекување од намерата за електронски учебници, туку значи дополнително додавање на одредени елементи, рече денеска премиерот Зоран Заев во врска со повлекувањето на Законот за електронски учебници од собраниска процедура.
Појасни дека до трето одделение се продолжува со стандардниот дел на учење, со печатени учебници и дека првпат оваа година, покрај со печатени учебници за четврто одделение, ќе се пуштат и електронски учебници.
-Покрај печатените учебници, што четвртооделенците во државата ги имаат, ќе им пуштиме можност да имаат и електронски и дигитални учебници. Следната година ќе бидат четврто и петто. После таа ќе бидат, четврто, петто и шесто. И секогаш ќе ги имаат печатените учебници. Светот оди напред, дигитализација има секаде, апелирам да се даде шанса да бидеме рамо до рамо со современиот свет. Не треба да се плашиме, постапката не се брза, да дадеме шанса секоја промена носи придобивки, ги осовременува нашите деца, ги прави рамноправни со децата од целиот свет, рече Заев.
Премиерот додаде дека државата сака да воспостави еднаков третман на сите граѓани, посебно еднаков третман на децата.
-Нема да дозволиме детенце да биде заборавено, затоа што е родено во сиромашно семејство. Комплетно ќе алоцираме пари, за децата да имаат приближно еднакви услови за управување со информатички технолошките средства. Верувам дека ќе најдеме средства, рече Заев.
Претходно, Министерството за образование и наука демантираше дека се откажува од донесување нов закон за учебници и други наставни и дидактички материјали, со кој се нудеше и можност за дигитализација.