Бранко Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ, тоа им е јасно на сите, и затоа не верувам во приказните кои се пуштени во јавноста дека тој ќе формира нова партија, оцени денеска премиерот Зоран Заев.
-Тоа треба дефинитивно да го прашате него, а јас го кажувам заради тоа што тој е еден од основачите на СДСМ и претседател на партијата долг период. Бил премиер, а преку честа да го води СДСМ бил претседател на државата и е наш општественик. Верувам дека шпекулациите се присутни заради тоа што во Охрид се најавува нова листа од наши докажани социјалдемократи, рече Заев во одговор на прашање при денешното пуштање во работа на реконструираната полициска станица во Ресен.
Верувам, додаде, дека внатре во редовите на партијата низ органите и телата секојпат ќе може да се дискутира и да се изнајдат решенија за компетативноста кој што да биде и амбициите за кандидати и тоа не само за градоначалник, туку и за советници и други општествени функции или слично.
-СДСМ покажа сериозно единство и во време на опозиција и во време на преземање на власта, а нашата намера е така да продолжиме. Нашата убавина е тоа што сме различни во своите сфаќања, амбиции и предлози, но низ тоа го градиме единството. Знае и раководството да се повлече и да прифати предлог, знае и цело членство да го прифати предлогот на раководството затоа што само на тој начин доаѓаме до најквалитетни одлуки во полза и интерес на граѓаните и на членовите на СДСМ, посочи Заев.
Најави дека СДСМ и на претстојните локалните избори повторно ќе настапат, како што рече, единствени и сплотени и верува дека ќе победат.
-Треба да бидеме мудри и да ги избереме најдобрите кандидати затоа што локалните избори се избори на личност за градоначалник и личности за совет. Граѓаните очекуваат токму од нас политичките парти да ги препознаеме вистинските ликови за да можеме да ги номинираме, а тие да ги изберат. Ако се водиме од чувството што е тоа што е најдобро за граѓаните, ако внимателно ги слушаме и истражуваме преку анкети да видиме кој како стои, така најдобро ќе им служиме на граѓаните, понудувајќи ги можно најдобрите решенија во функција на кандидати за светици и градоначалници, потенцира Заев.
Посочи дека верува оти следува добар период во кој градоначалниците и советниците успешно ќе си го довршат мандатот, за што, како што рече, пред нив се уште 5,5 месеци за работа