Не смееме ни да помислиме да го откажеме или одложиме пописот на населението. Вака одговори премиерот Зоран Заев на прашањето дали зголемениот број случаи или недостигот од интерес за попишувачи ќе бидат причина Владата да го откаже пописот. Заев изјави дека процесот на попишување е обврска која треба да се реализира и апелираше до граѓаните што повеќе да се пријавуваат на конкурсот за попишувачи.
Во меѓувреме Заводот за статистика веќе по трет пат го продолжува рокот за пријавување на попишувачи на терен и за регионални инструктори. Заменик директорот на Заводот за статистика, Иљми Селами, за ТВ21 истакна дека платата за попишувачите е добра, е работата едноставна.
„Компензацијата е солидна, кажав еднаш, и ќе повторам уште еднаш, над 500 евра е и толку колку што ќе сработат. Може да стигнат и до 600 евра. Значи зависно од нивната работа на терен, толку ќе бидат платени. Вообичаено студентите имаат недостиг и потреба од финансии и еве добар повод, за нив ова е лесна работа“, посочи Иљми Селами.
Заводот за статистика бара 5555 попишувачи, а до сега се пријавиле приближно 4300. Врз основа на планот што го подготви Заводот за статистика потребни се уште 600-700 попишувачи. Пописот на населението, домаќинствата и живеалиштата ќе се одржи од 5 до 30 септември 2021, истиот требаше да се одржи во април 2021 но беше откажан со политички договор.