Не ни требаат нови избори (предвремени). По долго време конечно имаме 2,5 години пред нас, период без избори, тоа е ретка можност. Тоа е она што го бараат граѓаните и она што е неопходно за економските перспективи.

Ова, како што јави МИА од Белград, го изјавил македонскиот премиер Зоран Заев, во интервју за весникот „Политика“ на прашање поврзано со стабилноста на владината коалиција во Македонија и можноста за предвремени парламентарни избори.

„Јас цврсто стојам на тоа дека треба да се зграби оваа можност и државата веднаш по овие избори (локалните) да продолжи напред кон раст на платите и пензиите и кон отворање на нови 150.000 работни места колку што имаме испланирано за следните години, вели Заев во интервјуто за „Политика”.

Премиерот оценува дека владината коалиција е стабилна и нагласува дека очекува таа да расте.

Заев меѓу двата круга на локалните избори во Македонија изјави дека ако „го изгуби Скопје“ ќе се повлече од премиерската позиција, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека е можно да се смени ситуацијата со мнозинството во Собранието. Во недела на 31 октомври во Македонија се одржува вториот круг од локалните избори. По првиот круг, според освоените градоначалнички и советнички места, во предност е ВМРО-ДПМНЕ пред владејачката СДСМ.