Премиерот Зоран Заев вели дека вакцините кои ни биле понудени од Русија не сме ги одбиле, туку се чекало на завршување на третата фаза на тестирање и официјална документација.
– Не сме ги одбиле вакцините кои што ни беа понудени од Русија во септември, само баравме дополнителни информации кои што можеме официјално да ги бараме поради тоа што во септември, па и до крајот на годината се уште траеше третата фаза на тестирањето на „Спутник“ вакцината. Моравме да добиеме информации за нивната регистрација. Ние сме согласно европските закони комплетно и сме земја членка на НАТО, изјави Заев во Тема на денот во Дневникот на Сител телевизија.
Ние, додаде тој, сме различни од Србија затоа што нашите одлуки ги носиме согласно нашите стратешки определби.
-Поради фактот што Србија е воено – политички неутрална тие имаа можност директно да склучуваат договори и прават чекори со земјите кои не се членки на ЕУ и НАТО, односно Кина и Русија. Ние не можевме тоа да си го дозволиме, кажа Заев.
Премиерот нагласи дека ова се променило кога светот увидел дека има недостаток на вакцини од западниот свет.
-Тогаш генерално се разви политика и стратегија дека ова е суверено право и ние веднаш постапивме и веднаш ги направивме нарачките од Кина и Русија, рече Заев.
Тој повтори дека земјава има нарачано околу 2 милиони и 350 илјади вакцини и оти се очекува од крајот на овој месец да почнат да пристигнуваат поголеми количини.
-Договорот со Фајзер договорот е потпишан. До крајот на март 21.000 вакцини ќе стигнат. Од април, мај почнуваат да стигнуваат поголемите количини. Преку Ковакс очекуваме 20-30.000 да стигнат до крајот на март. Во март очекуваме да стигнат и кинеските. Работите зависат од севкупните количини произведени во светот, рече Заев во разговорот за Тема на денот на Сител.