Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска во Струмица изврши увид на штетата што е направена по пожарот кој синоќа го зафати Трговскиот центар „Глобал“.
– Пожар во трговски центар во Струмица, предизвикана материјална штета
Како што соопшти прес-службата на Владата на Република Северна Македонија, при увидот е изразено големо жалење за страшната слика од остатоците на пожарот, кој зафатил продавници во приземјето и се проширил на првиот кат и пазарот.
Премиерот Заев изрази жалење за сериозната катастрофа и несреќа што го зафати објектот на Трговскиот центар.
„Објектот е во густо населено подрачје и можеа да видат граѓаните каква огнена стихија се случуваше. Материјалните штети се огромни, нанесени се непоправливи економски штети на деловните субјекти кои живеат и работат овде и од тука ја вадат својата егзистенција. Добро е што нема повредени и човечки жртви“, рече премиерот Заев.
При увидот беше изразена голема благодарност до пожарникарските служби на Струмица, како и од околината, Кавадарци, Штип, Валандово и Радовиш, кои несебично се заложија да се локализира пожарот и за среќа немаше човечки жртви.
„Голема благодарност до противпожарните бригади кои до 4 наутро се бореа со пожарот. Благодарни сме за пожртвуваноста која ја покажаа и струмичките, но и пожарникарите на околните општини“, изјави премиерот Заев.
Тој најави солидарност и сплотеност од страна на заедницата, бизнис-секторот, институциите и општината, како и од сите граѓани.
„Секој ќе помогне на секој можен начин! Сите заеднички ќе помогнеме!“, рече премиерот, ветувајќи помош и од институциите за санирање на материјалните штети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Заев истакна дека сега за божиќните празници сите граѓани и институции ќе покажат солидарност и заедништво и упати порака до оштетените граѓани дека веднаш, уште утре, ќе се организира масовна солидарна и работничка акција за што поскоро да се врати животот на струмичани во нормала.
Потсетуваме, рано утрово е изгаснат пожарот што избувна синоќа по 23 часот во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица.
Според првичните проценки, од тоа што може да се забележи на местото на пожарот, изгорени се повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде што е сместен пазарот и тезгите, супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови од третиот кат на Трговскиот центар.
Сѐ уште не се знаат причините за пожарот.