Премиерот Зоран Заев прими делегација на Министерството за одбрана на Народна Република Кина предводена од министерот за одбрана, генерал Веи Фенгхе, на која апелирал тој да пренесе до надлежните институции во НР Кина дека Северна Македонија очекува да се забрза испораката на набавката од 200 000 вакцини од компанијата „Синофарм“ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјава која ќе почне утре.
– Генерал Веи Фенгхе на средбата истакна дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради КОВИД-19, соопшти владината прес-служба по средбата на премиерот Заев со делегацијата на Министерството за одбрана на Кина, на која присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Посакувајќи им добредојде на генерал Веи Фенгхе и на членовите на неговата делегација, Заев истакна дека оваа официјална посета на Министерството за одбрана на НР Кина е уште една значајна потврда на добрите односи меѓу двете земји кои во последните години имаат позитивен и нагорен раст.
Претседателот на Владата Зоран Заев во своето обраќање пред гостите од НР Кина нагласи дека двете земји ги исполнуваат своите обврски од Договорот за соработка во сферата на одбраната, особено во делот военото образование и обуки. Премиерот Заев посебно се задржа на економската соработка меѓу двете земји и изрази надеж дека работните тела на министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и НР Кина набргу ќе ги завршат разговорите за укинување на визите со што ќе се постигне уште еден значаен чекор за уште поголем раст на трговската соработка, како и за интензивирање на соработката во туризмот, се наведува во соопштението.
Укинувањето на визите, рече премиерот на средбата, ќе помогне да се оствари амбицијата на двете земји трговската размена идната година да достигне вредност од 1 милијарда американски долари, која во 2020 година достигна 763 милиони долари.
Прес-службата на Владата информира дека министерот Веи Фенгхе на средбата го пренесе своето и задоволството на Владата на Кина за степенот на соработка на двете министерства и особено од остварувањето на позитивните трендови во економијата кои произлегуваат од консензуалниот договор меѓу Северна Македонија и НР Кина за унапредување на релациите меѓу стопанските субјекти на двете земји.