Собранието се уште не функционира. Мнозинството поради неколку пратеници кои имаат Ковид 19 не може да собере кворум за седници, ВМРО-ДПМНЕ не сака да им прави кворум, додека коалицијата Алијанса/Алтернатива е решена да ги блокира сите закони бидејќи немаат поддршка за нивниот предлог закон за државјанство.
Со оглед на тоа дека денеска е четврток, последен во овој месец, предвидени се пратенички прашања во Собранието. Сепак, премиерот Заев најави дека пред оваа седница ќе се сретне со претседателот на Законодавниот дом Талат Џафери, со лидерот на ДУИ Али Ахмети, во обид да се најде решение за деблокада на Собранието.
Мицкоски предложи четири закони, дел од нив се антикризните мерки за помош на компаниите и граѓаните, за кои неговата партија ќе обезбеди кворум. Сепак, спикерот Џафери останува на ставот дека прво треба да се одржи 36-та седница, а потоа да се расправа за антикризните закони.
Премиерот Заев вчера најави дека ќе се разгледуваат сите опции. Ако не може да се најде заеднички јазик помеѓу пратеничките групи за деблокада на Собранието, тогаш ќе се оди на варијанта на вонредна состојба, или пак ќе се организира лидерска средба. Како што вели, целта е да поминат антикризните закони, за да може граѓаните и компаниите да ја добијат потребната помош за ублажување на последиците од корона-кризата.