Премиерот Зоран Заев најави дека Владата ќе продолжи со дискусија во однос на Законот за третман на бесправо изградени објекти имајќи ги во предвид, како што вели, предлозите на претседателот Стево Пендаровски односно укажувањата за неговата резерва кои тој ги има како причина за непотпишување на законот.
-Мислам дека преку стручните тимови во Владата можеме и да одиме подетално чекор повеќе во прецизирање на легализирање во национални подрачја, национални паркови, заштитени подрачја и слично иако законите го определуваат и досега. Се знае кој дава согласност како се дава согласност и немаме легализација во националните паркови. Иако законите од 2011 постојат, освен што во националните паркови секако е разработено во три фази: строго заштитено подрачје, развојно подрачје и подрачје коешто е измеѓу и тоа јасно е определено согласно со меѓународна регулатива која што е потврдена и пресликана кај нас, изјави денеска Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Ако можеме да одиме дополнително плус со правни формулации и тоа плус да го заштитиме и тоа да не зависи од мислењата и согласностите на одредени институции, дополни тој, подготвен сум да се дополни законот.
-Реално и пред вас како човек и пред мене како човек но пред се пред институциите на системот, сме исправени сите пред двојбениот однос, односно пред опциите коишто ни стојат на располагање.Едната опција е да не продолжиме понатаму со законот и тоа автоматски значи отстранување на сите бесправни градби во државата.Затоа што законите се јасни и инспекторот е должен да издаде решение за уривање и доколку тоа не го направи одговара кривично.А градоначалникот или министерот за транспорт и врски ако не направи извршување,односно не го урне објектот одговара кривично.Тоа значи дека сите институции од локално и централно ниво ќе мора да ја завршат таа обврска во спротивно ризикуваат кривични пријави и процеси пред обвинителства и пред судство, појасни Заев.
Според него, најважниот момент е социјалниот аспект на живеачката на значаен број на населението, односно некаде над 50 илјади објекти, кои вели, и порано имале право, но не го искористиле, затоа што се под прагот на сиромаштија, не можеле да платат елаборати и надомест од по едно евро за квадратен метар во општините за да можат да ги легализираат своите објекти.
-Новиот закон има решение за тоа, сите приматели на социјална помош и оние кои ќе потврдат дека се под прагот на сиромаштијата не плаќаат ништо за ваквата легализација. Второ, колективните згради се отстранети. Не постојат колективни згради предвидени во процесот на легализација.Трето, се што не спаѓа во групите на сиромашни граѓани, а тоа се оние кои имаат објект за легализација: како стовариште, погон, фабрика, за државата е добро тие објекти да не се уриваат и да останат како трајно материјално добро.Отстранувањето е лесно да го направите и да уништите трајно материјално добро. Тие што кога ќе легализираат ќе имаат обврска да платат 50 проценти повеќе отколку што би требало да платат комуналии ако редовно би граделе. Со тоа се испраќа и пораката дека во иднина не се исплаќа да се гради бесправно, односно да градат без одобрение на градба, појасни Заев.
Сите, истакна, сме исправени пред ваквите дилеми и затоа јавни ја отвораме дебатата и да донесеме одлука што понатаму.
-Јас сум на став како што сум бил на став и во есента 2019 година кога Владата го донела и усвоила овој закон и го пуштила во Собранието дека треба да водиме грижа за граѓаните.Ние постоиме заради нашиот народ, ако граѓаните барале преку своите општини, а ЗЕЛС преку општините побара од нас донесување вакво законско решение, ние треба да им излеземе во пресрет на граѓаните. А се што прави тегоба и несигурност кај нашето население треба да го слушнеме и дополнително преку законски норми да го гарантираме, тоа е решение.Но јас сум само еден од еднаквите и во Владата и во општеството и верувам дека ќе имаме внимателно дослух со граѓаните, со сите граѓани за да можеме на крајот да донесеме исправно решение, нагласи Заев.