Денешниот ден, Христовото раѓање – Божик, е вечниот симбол на нашата надеж, дека Бог е со нас и дека преку вербата, можат да се пребродат и најтешките искушенија, порача премиерот во оставка Зоран Заев во честитката за католички Божик.

Тој во објава на Фејсбук ги повика верниците да ги прифатат пораките на празникот и да подадат рака на оној на кој што му е потребна.

– Ве повикувам да ги прифатиме пораките на празникот и да подадеме рака секому кому му е потребна помош, да даруваме безусловна љубов, да не заборавиме на добротворните дела, насмевката и радоста, оти само така сме корисни за нашето општество, за нашата држава. На припадниците на Католичката црква, како и на сите православни и други христијани коишто го слават Христовото раѓање според Грегоријанскиот календар, им посакувам среќни празници. Христос се роди! Среќен Божик, напиша Заев.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во свое и во името на пратениците упати честитка до католички верници по повод големиот христијански празник – Божик.

– Празниците се посебни денови кои имаат моќ на обединување, на дарување и солидаризирање со блиските, со далечните, со познатите, пријателите и соработниците, кога секој наоѓа нешто убаво за споделување со другите. Ширењето на мирот и спокојот во душата, гласното кажување на убавата и благородна мисла, споделувањето на трпезата и давањето таму каде што трпезата е празна е неизбежен дел и на овој убав божиќен празник. Затоа што, за жал, животот и светот не ги третира подеднакво сите луѓе, тагата и несреќата не се непознати за голем дел од човештвото и доколку постои барем и мала можност за враќање на насмевката и надежта на нечие лице, ние сме ја добиле нашата награда, наведува Џафери во честитката.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски по повод големиот празник Христовото раѓање- Божиќ во свое, и во име на СДСМ упати честитка до сите христијански верници кои овој празник го празнуваат по Грегоријанскиот календар, како и до Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Република Северна Македонија, Д-р Киро Стојанов.

„До сите верници кои денеска го слават големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упатувам срдечни честитки со желба за здравје, благосостојба и спокој во празничните денови.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати честитка до сите христијани кои го прославуваат католичкиот Божиќ. Честитката ви ја пренесуваме интегрално во продолжение:

Дозволете во мое лично име и во име на партијата ВМРО-ДПМНЕ да им го честитам празникот рожденство Христово на сите христијани кои го прославуваат според грегоријанскиот календар.

 

Божиќ е најсветлиот празник за секој христијанин, затоа што симболиката на овој празник е во новото раѓање и надежта за подобра иднина. Празничната вест за раѓањето на Христос нека го исполни секој дом со радост, спокој и мир, а срцето на секој верник со љубов. Божиќ е семеен празник кој секогаш не потсетува на христијанските и цивилизациски вредности на хуманост и подадена рака кон своите ближни, но и на оние на кои тоа најмногу им треба. Тоа особено е важно сега во овие времиња на предизвици и премрежија кога како луѓе си требаме најмногу еден на друг, со збор или дело да си помогнеме. Вербата во Бога нека биде двигателот на секој од нас да живееме во духот на толеранцијата, взаемната почит и чесните дела. Тоа е начин на кој секој од нас, но и сите заедно ќе успееме да направиме подобра иднина за себе и своите деца.

Христос се роди! Бог нека ве благослови., напиша Мицкоски.