Атанас Величков
Вкупно околу 10-тина пати премиерот Заев, ги спомна зборовите „брат“ и „братски“ пред камерите на новинарските екипи, додека одеше кон централата на партијата ГЕРБ, додека разговараше со својот „брат“ Борисов и во изјавите дадени во присуство на премиерот Стефан Јанев и претседателот Радев.
За жал или пак за среќа нашиот премиер не успеа да го нарече свој „брат“ и новиот бугарски политичар Слави Трифонов, бидејќи од неговата партија љубезно ги информирале Заев и неговата дружина дека немаат време за средби, заради предизборната кампања. Слична приказна на „братската“ делегација предводена од Заев ѝ се случила и кај партијата „Движење за права и слободи“ од чии редови е Илхан Ќучук- набљудувачот на Европскиот парламент за РС Македонија. Успеал нашиот премиер да заштеди малку од своето лицемерие и за некој нареден пат, кога ќе затреба пак да доаѓа со мазната насмевка и расперените раце, од коишто десната се разбира веднаш е готова да се фати за срце.
На Бугарите не ни им успеа да покажат, што можат на полето на лицемерието. Тие не се на зорт, јајцето што брза да излезе, не се наоѓа во нивните задници. Заев токму затоа реши лично да демонстрира колку многу ги „сака“ Бугарите, за да може уште на следниот ден во Виена кај канцеларот Курц, да се претстави како добриот, насмеан и искрен политичар, кој е готов на сè, за да го отвори патот за европеизирање на својата земја.
Билатерално е прашањето вели Заев, билатерално треба да го решаваме, се разбира со плачки во Брисел и други европски метрополи, дека некој некого го стопира за небитни работи што се случувале во 19-тиот век.
Сега било ново време и како што рече премиерот Заев пред бугарскиот претседател Радев, пораката за прекин на говорот на омраза е испратена.
Ванчомихајловистите во Македонија, кои не добија инструкции од премиерот, како да се однесуваат во овие интересни времиња, сега треба да замолчат. Тие, за разлика од „добрите Бугари“ не ја бараат кривицата за лошите меѓусебни односи меѓу двете „братски“ земји, само во Бугарија и затоа мора да молчат. Хејт спичот кај и да е ќе запре. Пораката е испратена.
Додека чекаме, Каракачанов и Џамбаски за разлика од Борисов и симпатичната Захариева, останаа доследни во своето делување. Го обвинија Заев дека заборава дека Македонија е бугарска. Со клип, без ниту една лицемерна порака во него. Тоа што го кажувале и во 90-тите години на минатиот век, го кажуваат и сега: „Македонија е бугарска“, во 90-тите години „обаче“ СДСМ беше многу далеку од пријателски расположена кон Бугарија партија. И сега не е нешто поразлично расположението, ама ради пусто вето, мораат да глумат конструктивност. Во тоа глумење активно им помага и еден демек пробугарски ориентиран сателит, што соли памет загрижен заради градењето на некакви берлински ѕидови, што никогаш не ни биле под знак прашалник. Си постојат веќе повеќе од 100 години со мали паузи. „Окупациони“ паузи.
Македонија е бугарска, а Бугарите се братски народ…
Македонија е бугарска е мантрата на „лошите Бугари“, на дип стејтот, на тие што сакаат Србија и Русија да владеат со Македонија. Сосема друга е приказната со муабетот дека Бугарите се братски народ. Братски народ со кој нема што толку да се загледуваме во историјата, братски народ што секојдневно може да биде нарекуван фашистички од страниците на субвенционирани со државни пари приватни медиуми и од државни службеници, директори на културно-историски државни установи. Тоа е сосема нормално, сепак е историски факт дека Бугарите биле дел од Оската и дека од април 1941 до септември 1944 биле кољачи, силувачи и крадци на сè што оди на две нозе и сè што може да се крене од земја, без помошта на специјална техника.
За да станат работите појасни…
Бугарија не смее да има претензии кон историските ликови, кои самите себе си се нарекувале Бугари, затоа што тоа е застарен поглед на работите, што му прилега на XIX век, а македонската власт, може да помага финансиски медиуми, кои секојдневно објавуваат антибугарски текстови. Тоа е типичен пример за проевропско и пред се современо однесување. Во истото тоа време истите тие медиуми, речиси и да не објавуваат за некои позитивни активности, спроведени или инспирирани од Бугари. МИА, државната агенција во еден од своите написи за вакцинационите центрови на д-р Милен Врабевски, дури не ни спомна дека се работи за иницијатива на докторот. Ајде ќе рече некој дека се работи за пропуст, ама кога за доброто од Бугарија важат пропустите, а не се пропушта ниту една трошка случување или изјава, кои можат да бидат протолкувани лошо и да донесат со себе уште вода за воденицата на омразата, тогаш веќе можеме слободно да речеме дека се работи за тенденција. За план, смислен и пуштен во употреба многу пред Каракачанов и Захариева да ја „одземат“ европската иднина од децата на уредникот на порталот „Сакам да кажам“ Горан Михајловски, чија сопруга доби честитки од Миленко пред некои 3 години, за грант во висина од неколку милиони денари, добиен од Државниот фонд за иновации. Но сето тоа се разбира не е дип стејт. Дип стејтот како што вели Љубчо војвода е кај ВМРО-ДПМНЕ и нема никаква врска со моменталната владејачка гарнитура. Таму се и „руските агенти“ и „удбашите“, за кои еден „надежен“ политичар, во интервју што си го направи сам со себе, изјави дека треба да бидат исчистени од Македонија, дури и со физички методи.
Но сето тоа, како што веќе знаеме нема врска со дип стејтот. Има огромна врска со Заев и неговото лицемерие и неговата широка насмевка, чие милионерско педигре започнува некаде таму на север во Горни Милановац, меѓу лубениците и сушените пиперки.