Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се надвор од преговорите со Бугарија, тоа им е јасно и на помалку упатените во проблематиката, на сите земји-членки на Европската Унија, на целиот регион и на целиот демократски свет, предводен од САД, изјави денеска во Охрид премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со помошникот државен секретар на САД за Европа и евроазиски прашања, Филип Рикер по завршувањето на Конференцијата на Преспа форумот за дијалог.
Заев, ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање за МИА во врска со резолуцијата за дефинирање и заштита на македонските позиции во преговорите со Бугарија, која лидерот опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе ја поднесе следната недела и ја повика власта да ја прифати, во спротивно, рече дека таа ќе потврди дека преговарала за идентитетот.
Заев нагласи дека обвинувањата на Мицкоски на негова сметка во однос на тоа дека е одговорен за бугарското вето, дека го предава македонскиот јазик и македонскиот идентитет се надвор од здравата логика.
-Ние секој пат сме биле инклузивни, транспарентни во процесот и така ќе продолжиме. Немаме дилеми да разговараме за се со опозицијата и сакаме да видиме каков било документ или слично, но пред се и над се ќе ги заштитиме државните интереси од сите можни аспекти, од аспект на тоа што и до сега го правиме заштитувајќи го нашиот дигнитет, нашиот идентитет, нашиот македонски јазик и нашата посебност како македонски народ, но исто така заштитувајќи ги државните позиции заради целта постигање на решение во коешто нема ништо да му фали, ниту ќе биде ставен во какви било разговори или преговори, она што ни е наша светост, а тоа е македонскиот јазик и македонскиот идентитет, одговори Заев во однос на тоа дали имал увид во резолуцијата и дали ќе ја земе предвид.
Нагласи дека спорот се решава низ дијалог, дипломатија, низ разговори, кои се соодветно поставени за да се остварат нашите стратешки цели.