Премиерот Заев ќе се повлече од функцијата по годишното обраќање на шефот на државата Стево Пендаровски во Собранието, велат неофицијално за Дојче Веле извори од владејачката коалиција. Не прецизираат дали тоа ќе биде истиот ден или ден потоа, но според овие извори, намерата на премиерот била да се повлече пред крајот на годината, со цел да почнат да течат роковите за нова влада, и тој процес да заврши до средината на јануари.
Засега нема официјална потврда на овие наводи, но сосема е извесно дека крајот на оваа и почетокот на идната година ќе биде политички интензивен – од една страна е барањето за предвремени избори од страна на опозицијата, а од друга – намерата на актуелното мнозинство да формира стабилна влада која ќе ги води процесите до крајот на мандатот.