„Истрагата за обидот за бегство на Сашо Мијалков мора да се спроведе до крај, за да видиме дали некаде системот затаил, дали имаме одредени слабости, дали се тоа институциите под извршната власт МВР, АНБ и други институции или во правосудството – обвинителството, судот или слично за да можеме повторно да извлечеме поуки и да видиме каде се слабостите со цел нивно отстранување, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со вицепремиерот Љупчо Николовски, на која беше претставен планот за борба против корупцијата.

Според Заев случајот со обидот за бегство за Сашо Мијалков, ги охрабрил граѓаните дека е можна правда, и потсети дека државата поминала 11 години во режим и сомневање за украдени стотици, ако не и милијарди евра.

Премиерот истакна уште дека во изминатиот период се набљудуваат сериозни успеси на полето на транспарентноста, отчетноста, одговорноста и респонзивноста на институциите.

„Денеска граѓаните знаат секој министер колку кафиња и колку води нарачал. Отворено е комплетно се. Денеска секој граѓанин на еден клик од својот компјутер може да следи 100, 200, 300 денари, милиони … како се трошат во државата. Услов за потпишување на договори и влегување во реализација по пат на јавни набавки е договорот да биде јавно и транспаретнот објавен, каде што се гледа кој е изведувачот, под кои цени и кои услови. Многу работи се променети во државата“, изјави Заев.