Премиерот во оставка Зоран Заев не губи надеж дека новата бугарска влада ќе ги даде позитивните реакции во однос на ветото. Вели дека македонската страна е на располагање да се допрецизираат деталите со Владата во Софија.
„Знаејќи дека на 13-ти се формираше новата бугарска влада не можете да очекувате на 14-ти Советот за општи работи каде што присуствуваат министрите да донесат одлука. Јас навистина не губам надеж дека новата бугарска влада со помош на претседателот Радев ќе ги дадат позитивните реакции. Конечно имаме дадено наши одговори и верувам дека се надминати сите недоразбирања. Ако остануваат детали ние сме на располагање како држава, под раководство на идниот премиер да ги допрецизираме и да ги разговараме“, рече Заев.
Заев соопшти дека со новиот премиер на Бугарија Кирил Петков разговарале дека не подоцна од шест месеци прашањето треба да се реши и се согласиле дека треба да се формираат работни групи за енергетика, инфраструктура, економија, култура, здравство за, како што кажа, да можат да создаваат амбиент да се надминат проблемите.