Премиерот во заминување Зоран Заев и шефт на државата Стево Пендаровски влегоа денеска во вербален судир на тема „Отворен Балкан“, по вчерашната посета на македонскиот претседател на Косово, каде што тој оцени дека оваа иницијатива е фалична.
Заев, како еден од основачите на оваа иницијатива, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, денеска изрази изненадување од ставот на Пендаровски.
„Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот“, изјави Заев за ТВ21 и додаде дека минатото покажало што значи затворен Балкан и оти е неоправдано кое било заговарање против „Отворен Балкан“.
Според Заев, особено е неразбирливо кога „ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните“.
„Во Северна Македонија претседателот на државата нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето ’one stop shop’ премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи“, изјави Заев.
Тој нагласи дека не е загрижен, туку е уверен оти институциите посветено ќе работат на обезбедување на бенефитите од оваа иницијатива за граѓаните.
„Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, истакна Заев.
Следеше реакција од претседателскиот кабинет, од каде што исто така за ТВ21 возвратија дека ставот на Пендаровски во однос на „Отворен Балкан“ е конзистентен од самиот почеток. Како што се посочува, претседателот тоа и лично му го пренел на премиерот Заев, по првиот состанок во Нови Сад, каде што беше промовирана иницијативата.
„На оваа тема, во кабинетот на претседателот Пендаровски, како точка на дневен ред, се разговараше и на првата лидерска средба, во присуство на опозициските партии, во 2019 година. Едногласен заклучок во однос на иницијативата ’Отворен Балкан’, усогласен меѓу сите политички субјекти на таа лидерска средба, беше дека нашата држава нема алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Северна Македонија. Претседателот Пендаровски никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на западен Балкан. Но, тоа што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата ’Отворен Балкан’, објективно го лимитира нејзиниот потенцијал“, се наведува во реакцијата од кабинетот на Пендаровски.
Оттаму велат дека Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народите во регионот и против нивната ЕУ – перспектива. За жал, како што се наведува, многу други политичари во регионот делуваат во спротивна насока.
За време на вчерашната посетата на Косово, на заедничката прес-конференција со косовската колешка Вјоса Османи, Пендаровски оцени дека „Отворен Балкан“ е фалична иницијатива од самиот почеток, бидејќи наместо да учествуваат сите шест држави од Западен Балкан, во неа се само половина. Тој напомена дека се додека иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна.
Според него, „Отворен Балкан“ треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес, кој има институции и ресурси, а оваа иницијатива тоа засега го нема.
„Добронамерни иницијативи се разбира може да бидат само дел, не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини“, рече Пендаровски.
Тој потсети дека во 2019 година изразил резерви за „Отворен Балкан“, бидејќи ќе бил против ако тоа претставувало обид за реставрација на некаква Југославија или за алтернатива за членството во ЕУ. Но ја поддржал иницијативата откако добил уверување од вклучените во неа дека нивната идеја не е таква.