Радмила Шекеринска и официјално од денеска не е повеќе заменик-претседател на СДСМ. Таа нема да биде на ниту едно раководно место во партијата. Тоа беше познато уште одамна, бидејќи е нејзина одлуката да не се кандидира на Конгресот. По вечерашниот Конгрес Зоран Заев и официјално и се заблагодари.
-Упатувам огромна благодарност до нашата другарка Радмила Шекеринска, мојата заменичка во најтешките години кога земјата ја извадивме на прав пат.
Заедно се боревме против огромно зло, заедно се радувавме на историските успеси. Нејзината посветеност, темелност, аналитичност и самокритичност се пример за сегашните и идните социјалдемократски генерации.
И Радмила и јас добро знаеме дека нови успеси се можни само со нови идеи и кадри кои црпат поддршка и знаење од сениорите.
Ова не е збогување, ова реорганизација. Радмила продолжува со сите нас, до нови големи успеси за граѓаните и за државата, порача Заев.
Инаку, Шекеринска од 1993 година е избрана за член на ЦО на СДСМ во неколку мандати. Од 1995 е член на претседателството на ЦО на СДСМ, а во 1999 година е избрана за потпретседател на ЦО на СДСМ и за меѓународен секретар на партијата. Во периодот 1995 – 1999 година, ја врши функцијата претседател на СДММ, а во 1997 – 1998 година е и портпарол на СДСМ. Подоцна е избрана за потпретседател на Партијата, а на 5 ноември 2006 година е избрана и за претседател на Партијата.