Од Владата информираат дека во периодот од 3 до 12 август дел од членовите на Владата ќе искористат денови од годишен одмор.
„Владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а согласно состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки“, додаваат од таму.
Владата посочува дека согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно.
„Овие денови теренската координација е обезбедена од страна на првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација Шакири и Бајдевски, министерката и заменик министерот за образование Царовска и Шабани, заменик министерот за внатрешни работи Буши, заменичката министерка за животна средина Оџаклиеска, заменикот министер за труд и социјала Енвер Хусин, заменикот министер за здравство Илир Хасани, заменик министерот за правда Нухиу.
Премиерот Зоран Заев користи денови од годишниот одмор до 12 август, а е во постојана телефонска и интернет координација со сите ресорни министерства и надлежни институции“, се вели во соопштението.