На локалните избори, во општините со албанско мнозинство, Движење Беса ќе настапи со свои кандидати, но сепак ќе има соработка со коалициските партии во Влада. Ваков заклучок беше постигнат по средбата меѓу претседателот на СДСМ, Зоран Заев и на Беса, Биљал Касами. Заев преку Фејсбук извести за соработката со Беса за претстојните локални избори.
„Со претседателот на БЕСА, Билал Касами се согласивме дека партнерството во нашата коалиција ќе продолжи да се развива и на претстојните локални избори, за кои согласно спецификите на различните општини ги бараме и утврдуваме најдобрите кандидати кои ќе го дадат најдобриот резултат за нашиот народ“, посочи Зоран Заев.
Но, лидерот на Беса е поконкретен во своето објаснување околу соработката за локалните избори. Касами вели дека ќе имаат свои кандидати во албанските општини, но бара взаемна соработка, почитувајќи ја независноста на секоја партија.
„На средбата со премиерот Зоран Заев уште еднаш го потврдивме продолжувањето на коалицијата БЕСА-СДСМ на централно ниво, по поради спецификите, Движење Беса на локалните избори ќе настапи сама во општините со албанско мнозинство. Се договоривме соработката меѓу коалициските партии да биде взаемна, притоа почитувајќи ја независноста на некој субјект. Остануваме уверени дека коалициите ги креира народот со својот глас“, вели Биљал Касами.
На локалните избори во октомври, Заев му подаде рака за соработка и на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, како и на ДПА, Мендух Тачи. И покрај тоа, веќе е најавено дека во првиот круг во неколку општини сите партнери ќе имаат свој кандидат. Конкретен случај е општината Тетово.