Премиерот Зоран Заев соопшти дека со одлука на Влада се намалува бројот на членовите на Управните и Надзорните одбори за јавните претпријатија.
-Со предложеното законско решение бројот на членови на управните одбори се намалува на 7 членови во јавните претпријатија чиј основач е Владата, Градот Скопје и општините во кои живеат над 50.000 жители, како и на управните одбори на меѓуопштинско јавно претпријатие, а управните одбори на јавни претпријатија основани од општина во која живеат до 50.000 жители се намалува на 5 членови. Бројот на членови на надзорните одбори се намалува на 3 членови. Дополнително со измените се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот и се воспоставува целосна транспарентност при постапката за избор на членовите, како и мерит процедура при селекцијата и именувањето, напиша Заев на Фејсбук.
Според законското решение, за првпат станува законска обврска објавувањето на јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија и тоа на веб-страните на Владата, односно општината или Градот Скопје и на веб-страната на самото јавно претпријатие и тоа три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав.